Американската одбранбена компанија Raytheon и испорача на американската армија нов напреден радар за ракетна одбрана AN/TPY-2.

Радарот вклучува матрица од галиум нитрид (GaN), а станува збор за технологија што значително ја зголемува чувствителноста, дометот и способноста на радарот да открива и следи балистички ракети во сите фази од летот.

Според Raytheon, надградбата вклучува и високо-перформансен компјутерски софтвер CX6, кој ја подобрува дискриминацијата на целите и обезбедува заштита од електронски напади.

„Како што расте побарувачката за одбрана на татковината од ракетни закани, радарот AN/TPY-2 е подготвен да ја исполни таа мисија“, изјави Сем Денеке, претседател на одделот за воздушни и вселенски одбранбени системи на Raytheon, во соопштение за медиумите, како што објави Business Insider.

Напредокот во GaN полупроводниците е прифатен низ целата одбранбена индустрија на САД за модернизација на сензорите и комуникациските системи. Производството на Системот за воздушна и ракетна одбрана од пониско ниво (LTAMDS), кој користи GaN технологија, започна минатата година во соработка помеѓу Raytheon и американската армија, со цел да се заменат постојните радари во системот за воздушна одбрана Patriot.

Хиперсонична закана
Испораката на новиот радар доаѓа во услови на зголемена загриженост на САД за хиперсоничните ракети од Кина и Русија. Овие ракети патуваат со екстремни брзини и маневрираат на непредвидливи начини, што ги прави исклучително тешки за пресретнување.

Иако украинските сили наводно успеале да соборат руска ракета „Циркон“, американските претставници предупредуваат дека ракетите како кинескиот DF-17 остануваат исклучително сериозна закана.

Напорите за зајакнување на американската ракетна одбрана вклучуваат американско-јапонска соработка во развојот на пресретнувачи за таканаречената фаза на лизгање на ракети, како дел од заедничкиот проект GPI (Glide Phase Interceptor Cooperative Development). Покрај тоа, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ја започна иницијативата „Златна купола“.

„Заканата од напад со балистички, хиперсонични и крстосувачки ракети, како и други напредни воздушни напади, останува најкатастрофалната закана со која се соочуваат Соединетите Американски Држави“, рече Трамп во извршна наредба потпишана во јануари оваа година.

Системот за ракетна одбрана на Raytheon е дел од поширока модернизација на ракетната одбрана, при што трошоците за програмата достигнуваат стотици милиони евра.