Европската комисија соопшти дека TikTok ги прекршил правилата на ЕУ со тоа што не обезбедил доволно информации за рекламирањето на својата платформа, според прелиминарните наоди.
TikTok има право да одговори на овие наоди, а доколку тие се потврдат, Комисијата може да изрече казна до 6 проценти од годишните глобални приходи на компанијата, пишува бриселски „Политико“. Исто така е можно страните да се договорат за мерки за решавање на идентификуваните проблеми со цел да избегнат казна.
Ова е втор случај во кој платформата е предупредена согласно Законот за дигитални услуги (DSA), по прелиминарните наоди против платформата X (Twitter) на Илон Маск минатото лето.
Европската комисија наведува дека TikTok не ги дава потребните информации за содржината на рекламите, корисниците на кои се насочени рекламите и кој ги финансира рекламите. Исто така, на јавноста не ѝ е дозволено да пребарува реклами на платформата.
Портпаролот на TikTok изјави дека компанијата „ги разгледува прелиминарните наоди на Комисијата“ и останува посветена на исполнување на своите обврски според DSA. Сепак, тие истакнаа дека не се согласуваат со некои од толкувањата на Комисијата и би претпочитале појасни, јавни упатства, наместо прелиминарни наоди.
Истрагата за TikTok трае од февруари 2024 година и вклучува и други аспекти, како што се дизајнот што создава зависност на платформата, заштитата на малолетниците и пристапот до податоци за истражувачите. Комисијата неодамна ја затвори истрагата за лансирањето на Lite верзијата на апликацијата TikTok во Франција и Шпанија, откако компанијата се согласи да не воведува функција за награди.
Во декември 2024 година, беше започната трета истрага за улогата на TikTok во романските избори. За разлика од TikTok, прелиминарните наоди за Платформа X сè уште не доведоа до казни или мерки.