Откако „стандардните“ паметни очила Ray-Ban доживеаја изненадувачки успех, Meta е подготвен да го направи следниот голем чекор – верзија со вграден екран.

Според извештајот на Блумберг, Meta развива нов пар Ray-Ban паметни очила со вграден екран под кодното име „Hypernova“.

Актуелниот модел на Ray-Ban паметни очила нема екран, но има вградени камери за фотографирање и снимање видеа, како и звучник и микрофон идеални за телефонски повици.

Во извештајот се наведува дека Мета би можел да го претстави овој подобрен модел уште оваа година. Ова ќе бидат првите Meta паметни очила што ќе доаѓаат со екран, а цената нема да биде мала. Според проценките на вработените во Meta, овие паметни очила ќе чинат најмалку 1.000 долари, а можеби и до 1.300 или 1.400 долари во зависност од конфигурацијата, пренесува веб-страницата Android Headlines.

Ова претставува огромен скок од сегашната цена на паметните очила Ray-Ban, кои чинат 299 долари. Достапната цена секако е дел од нивната привлечност, па останува прашањето дали Мета ќе ужива на исто ниво на продажба со производ кој започнува од 1.000 долари.

Офанзива на Meta на пазарот на паметни очила
Meta веќе работи на проект за наследник – втората генерација на овие паметни очила, со кодно име „Hypernova 2“. Овој пар ќе има двојни екрани, по еден за секое око. Тие треба да бидат претставени во 2027 година, а веќе се плашиме од цената.

Meta очигледно сака паметните очила да станат следната голема работа во светот на компјутерите. Извештајот од јануари откри дека Meta развива најмалку три пара паметни очила.

Покрај Hypernova, Meta работи и на пар очила за проширена реалност со кодно име „Orion“. Тие ќе вклучуваат интеграција со вештачка интелигенција, како и следење на окото, рацете и нервните функции.

За разлика од Google Glass, кои пропаднаа бидејќи можеби беа пред своето време, Meta изгледа го најде вистинскиот момент да влезе на пазарот на паметни очила. Единственото прашање е дали потрошувачите ќе бидат подготвени да издвојат значително поголеми суми пари за подобрени модели.