Пекинг го одложи полумаратонот првично закажан за недела, на кој хуманоидните роботи требаше да се натпреваруваат заедно со луѓето, соопштија организаторите.

Полумаратонот во Пекинг Јижуанг 2025 година е одложен за 19 април поради предупредувањата за многу силни ветрови овој викенд, се вели во соопштението, пренесе Ројтерс.

Иако тие не прецизираа дали условите се поопасни за роботите или за луѓето, хуманоидните роботи најверојатно ќе бидат изложени на поголем ризик да се превртат во ветровито време, велат експертите.

Трката ќе се одржи во област на Пекинг во која се наоѓаат повеќе од 100 компании за роботика и владин фонд од 10 милијарди јуани (1,23 милијарди евра) за нивниот развој, рече Ли Куан, заменик директор на управниот одбор на областа.

Зголемените плати и забавената економија ги прават роботите попривлечни за кинеските компании кои сакаат да ги ограничат трошоците и да ја искористат технологијата за раст.