Вградувањето на вештачката интелигенција ќе ги придвижи САД напред преку комбинација на технологија и критичко човечко расудување, заклучи Scale AI.
Во минатото видовме дека војската често служи како полигон за тестирање на напредната технологија пред таа да стане јавно достапна. Но, технологијата што сега имаат намера да ја тестираат е малку загрижувачка.
Имено, Пентагон официјално потпиша договор со Scale AI, компанија која развива вештачка интелигенција. Како што е најавено, тие ќе соработуваат заедно на иницијатива наречена „Thunderforge“, која вклучува употреба на агенти со вештачка интелигенција за воено планирање и операции.
Thunderforge означува одлучувачка промена кон војување управувано од вештачка интелигенција и податоци, обезбедувајќи американските сили да можат да ги предвидат заканите и да одговорат на нив со голема брзина и прецизност, според Одделението за иновации во одбраната, која ја води програмата.
Иако вредноста на овој договор не беше објавена, американското Министерство за одбрана појасни дека станува збор за „програма од повеќе милиони долари“.
„Нашите решенија за вештачка интелигенција ќе ги трансформираат денешните воени оперативни процеси и ќе ја модернизираат одбраната на Америка“, рече основачот на Scale AI Александар Ванг во изјавата.
Во превод, вештачката интелигенција треба да им помогне на американските воени борбени единици побрзо да донесуваат одлуки.
Тимот на глобални технолошки партнери на Scale AI, кој ги вклучува Anduril и Microsoft, е подготвен да развива и имплементира решенија напојувани со AI, приспособени на работните текови на агентите, објасни Scale AI.
Anduril ќе ги интегрира LLM способностите на Scale AI во својата напредна инфраструктура за моделирање и симулација за да го подобри планирањето на мисијата, додека Microsoft ќе обезбеди најсовремена LLM технологија за да овозможи врвно, мултимодално решение.
Овој договор е значајна пресвртница во воениот напредок. Вградувањето на вештачката интелигенција ќе ја турне земјата напред преку комбинација на технологија и критичко човечко расудување, на крајот заклучија од Scale AI.
Патем, иако можеби не сте слушнале за Scale AI, оваа компанија обезбедува податоци за обука на клучни модели за вештачка интелигенција за компании како OpenAI, Microsoft, Google и Meta.