Речиси половина од корисниците на платформата за игри Steam сè уште користат Windows 10, и покрај тоа што Microsoft го потврди крајот на поддршката за оперативниот систем.
Windows 10 се уште е најпопуларниот оперативен систем во светот, а Microsoft планира официјално да ја прекине поддршката за него во октомври оваа година. Ова значи дека стотици милиони компјутери ширум светот ќе станат поранливи на безбедносни проблеми.
Од тие стотици милиони, милиони од нив се корисници на Steam. Според Valve, речиси 50% од корисниците кои учествувале во истражувањето сè уште користат Windows 10.
Неодамнешното истражување на тема хардвер покажа дека 96,55% од корисниците на Steam го имаат инсталирано оперативниот систем Windows. Од тој процент, Windows 11 учествува со 53,46%, додека Windows 10 користат 42,87 проценти.
На глобално ниво, Windows 11 е достапен веќе четири години, а моменталниот пазарен удел на овој оперативен систем е само 36,6%, додека Windows 10 сè уште има 60,33% пазарен удел.