Претседателот на Nintendo, Шунтаро Фурукава, неодамна беше прашан за цените на уредите на компанијата – конкретно која цена ќе се смета за прифатлива, со оглед на различните економски фактори.

Фурукава рече дека Nintendo „ја зема предвид инфлацијата во Јапонија, но и сите други глобални промени откако Switch беше објавен во 2017 година“.

„Исто така, треба да размислиме каква достапност очекуваат нашите клиенти од производите на Nintendo“, додаде тој, иако исто така истакна дека „во моментов нема планови за промена на цената на оригиналните уреди Switch“, пренесува веб-страницата Video Games Chronicle.

Наскоро се очекува на пазарот да се појави и Nintendo Switch 2, а според некои претходни информации, компанијата планира да произведе поголеми количини од оваа конзола.

На социјалната мрежа Редит, фановите на Nintendo Switch разговараа за изјавите на Фурукава во посебна објава. Повеќето од нив не очекуваат Switch 2 да чини повеќе од 400 долари.

Прикажан е Switch 2

Неодамна, Nintendo Switch 2 беше претставен во краток видео клип на YouTube, без многу помпа.

Ова е секако конзола која многумина со нетрпение ја очекуваат, а повеќе детали за уредот ќе бидат откриени на 2-ри април.

Switch 2 е хибрид на стационарна и пренослива рачна конзола, а во споредба со оригиналниот модел има поголем екран и придружни Joy-Con контролери кои можат да се прикачат на уредот со помош на магнети.

Видео презентацијата покажа неколку фрејмови од играта Mario Kart, а се верува дека заедно со конзолата ќе излезе и Mario Kart 9.

Nintendo Switch 2 ќе биде компатибилен со постари Switch игри, иако некои игри ќе имаат ограничена поддршка или воопшто нема да бидат поддржани. Како што може да се види на видеото, новата конзола е речиси целосно црна, што значи дека Nintendo одлучи да не имплементира повеќе комбинации на бои.