И го очекувавме тоа – првата трка во која ќе се натпреваруваат луѓе и роботи ќе се одржи во Кина.
Десетици хуманоидни роботи ќе се приклучат на полумаратонот што ќе се одржи во округот Даксинг во април, соопштија локалните власти.
Во трката на 21 километар ќе учествуваат околу 12.000 луѓе, а покрај нив ќе трчаат роботи од повеќе од 20 компании. Најдобрите тројца тркачи ќе добијат награди, според административното тело на областа за економски и технолошки развој во Пекинг, исто така познат како E-Town.
E-Town е индустриска област на државно ниво во округот Даксинг, со неколку индустриски паркови ангажирани во развојот на високотехнолошки производи, со апликации, на пример, во воената индустрија, пренесува кинескиот весник SCMP.
Во соопштението од администрацијата на областа се наведува дека компании, истражувачки институти, клубови за роботика и универзитети од целиот свет ќе бидат поканети да учествуваат со свои хуманоиди на маратонот.
Единствениот услов е роботите да изгледаат како луѓе и да имаат механичка структура способна за движења како двоножно одење или трчање, односно да не бидат на тркала.
Роботите треба да бидат високи помеѓу 0,5 и 2 метри, а должината од зглобот на колкот до стапалото треба да биде најмалку 45 см, според упатствата.
Може да учествуваат и далечински управувани и целосно автономни хуманоиди, а батериите може да се заменат за време на трката, се додава во соопштението.