Компанијата OpenAI би можела да започне со производство на хуманоидни роботи.
Калифорниската компанија за развој на вештачка интелигенција OpenAI, производител на популарниот чет-бот ChatGPT, размислува да го прошири својот бизнис во областа на роботиката и да започне со производство на хуманоидни роботи.
Веста прв ја објави The Information, повикувајќи се на два анонимни извори запознаени со дискусиите.
OpenAI и порано покажа интерес за роботиката и хуманоидите. До 2021 година, компанијата имаше посебен оддел за роботика, со фокус на создавање модели со вештачка интелигенција кои би можеле да напојуваат автономни машини.
Сепак, таа дивизија беше затворена за да и се овозможи на фирмата од Сан Франциско да се фокусира повеќе на софтверот за вештачка интелигенција наместо на хардверот.
Во последните три години, дојде до промена во развојот на хардверот и системите за вештачка интелигенција што ги придвижуваат, така што обновениот оддел за роботика во OpenAI ќе мора да надомести многу и да се соочи со силна конкуренција, пренесува Tech Crunch.