Видео играта Black Myth: Wukong моментално е достапна за PC и PlayStation 5, а до неодамна планот беше да се игра и на конзолите од серијата Xbox.
Сепак, објавувањето на верзијата за Xbox е одложено за непознат временски период, а не е јасно зошто се случило тоа.
Првично беше кажано дека кинеското студио Game Science наиде на проблеми со оптимизирање на Black Myth: Wukong за Xbox, а потоа се прошири веста дека верзијата на Xbox има проблеми со „протекување меморија“ и дека не ја поминала верификацијата на Xbox пред објавувањето.
Меѓутоа, порталите како Forbes или IGN наведуваат дека од нивните извори слушнале дека Black Myth: Wukong не успеал да стигне до Xbox не поради технички проблеми, туку поради таен договор за ексклузивност што наводно го постигнале Sony и Game Science.
Во превод, Sony (наводно) платил Wukong да не се појавува на Xbox конзолите.
Интересно, пред две години, во правен спор околу преземањето на Activision Blizzard, Microsoft тврдеше дека Sony ги субвенционира програмерите да не ги објавуваат своите игри на Xbox Game Pass. Ниту тоа обвинение не беше поткрепено со конкретни докази, па и тогаш не беше утврдена целосната вистина.