Apple развива нов уред за таканаречените „паметни домови“, односно автоматизирани домаќинства.
Како што се наведува, овој производ ќе биде опремен со голем екран и роботска рака, пишува Bloomberg, повикувајќи се на анонимни информирани извори.
Според агенцијата, проектот со кодно име J595 бил одобрен уште во 2022 година, но активната работа на развојот на уредот, во кој учествуваат околу стотина луѓе, само што започнала.
Новиот уред ќе му овозможи на корисникот далечински да го контролира системот за паметни домови и да учествува на видео конференции.
Екранот ќе може да се навалува горе-долу и да се ротира за 360 степени, а уредот ќе биде опремен со платформата за вештачка интелигенција Apple Intelligence. Самиот уред може да се контролира со помош на гласовни команди.
Проценетата цена на производот е 1.000 долари, а соговорниците на Блумберг очекуваат тој да биде пуштен во продажба до 2026 или 2027 година.