Владата на Јапонија конечно доби голема битка во процесот на дигитализација.
Јапонската влада објави дека конечно ги укина флопи дисковите, клучна пресвртница во модернизацијата на државната администрација.
До средината на минатиот месец, Дигиталната агенција на Јапонија ги укина сите 1.034 регулативи за користење на флопи дискови.
„Ја добивме војната против флопи дисковите на 28 јуни“, рече министерот за дигитални технологии Таро Коно.
Коно беше еден од најгласните во борбата за исфрлање на факс машините и другата опрема базирана на аналогна технологија, пренесува Ројтерс.
Дигитализацијата во Јапонија често се соочува со големи предизвици. Така, апликацијата за следење контакти очајно пропадна за време на пандемијата, додека процесот на усвојување на дигиталната лична карта My Number траеше подолго од очекуваното.