Вештачката интелигенција може да им помогне на експертите за сајбер безбедност да ги направат компјутерските системи побезбедни, но хакерите би можеле да ја користат и за злонамерни дејства.
Експерти од САД и Швајцарија спроведоа експеримент каде што создадоа компјутерска датотека, вирус, кој може да ја искористи моќта на ChatGPT за да се шири преку е-пошта и да зарази други компјутери.
Имено, вирусот користи ChatGPT за да креира е-пошта што звучи како да е напишана од човек. Потоа вирусот се „додава“ на е-поштата во форма на заразена датотека, односно како „attachment“, а потоа се испраќа.
Истражувачите овој начин на ширење го нарекоа „синтетички рак“, а она што е особено загрижувачко е што не бил откриен од антивирусни програми. Откако ќе се најде на целниот компјутер, вирусот го отвора Outlook и почнува да пишува контекстуално релевантни одговори на е-пошта.
Експертите предупредуваат дека ова е само мал поглед на тоа што може да направи генеративната вештачка интелигенција и како, дури и без посебно знаење, може да се користи за злонамерни напади.
Во една од пораките што вирусот ги избра, тој испрати роденденска честитка и заразена датотека што ја преименува во плејлиста за роденденска забава. Повеќето корисници би кликнале на ова без размислување и би го заразиле својот уред.