Корисниците беа загрижени, експертите беа загрижени, па Microsoft сепак одлучи да почека малку.
Кога Microsoft објави два нови компјутерски уреди на крајот на мај, богато опремени со алатки напојувани со вештачка интелигенција, јавното мислење беше доста поделено. И додека некои со ентузијазам ја дочекаа „новата ера на персоналните компјутери“, други посочија на бројни потенцијални проблеми.
Пред сè, со една од новите опции што ги претстави Microsoft на компјутерите со вештачка интелигенција – Recall. Оваа опција следи сè што прават луѓето на нивните компјутери, од сурфање на веб до гласовни разговори, создавајќи историја на целата таа активност за корисниците да можат да ја пребаруваат подоцна кога ќе им требаат тие информации.
Самиот факт дека компјутерот би следел се што прават луѓето предизвика загриженост за приватноста на корисниците и тајноста на податоците што ги користат во нивната работа. Експертите за компјутерска безбедност предупредија дека оваа алатка може да им олесни на хакерите да развијат алатки за собирање кориснички информации како лозинки и кориснички имиња.
По бројните приговори, Microsoft првично објави дека Recall нема да биде автоматски вклучено, туку дека корисникот ќе го вклучи според сопствените потреби и дека ќе имплементира дополнителни безбедносни функции, како дополнителна проверка на идентитетот преку Windows Hello. Но, сега тие попуштија под притисокот и одлучија дека Copilot+PC нема да доаѓаат опремени со Recall.
Како што е наведено во официјалното објаснување од Microsoft, Recall ќе биде префрлен од „широко достапна алатка“ во Windows Insiders програмата на Microsoft, која овозможува само преглед на функциите, а не активна употреба.
Но, тие додаваат дека планираат да ги направат сите алатки за вештачка интелигенција достапни за сите корисници на Copilot+PC веднаш штом ќе добијат повратни информации преку програмата Windows Insiders.
„Оваа одлука се заснова на нашата посветеност да обезбедиме сигурно, потврдено и целосно искуство за сите корисници“, се вели во официјалниот блог пост.