Енкрипцијата станува стандард во технолошкиот свет, а последниот што го воведе како задолжителен за сите уреди е оперативниот систем Windows 11.
Почнувајќи со Windows 11 24H2, Мајкрософт ќе го направи шифрирањето стандардно за варијантите Pro и Home, и за нови инсталации и за ресетирање на системот.
Ова го потврди и самиот Мајкрософт, велејќи дека сака да го поддржи усвојувањето на шифрирање на уреди. Оваа функција е овозможена со технологијата BitLocker со цел да се шифрираат системските дискови, сè со цел да се зачуваат податоците.
Ако го прифатите ова, единственото нешто што треба да знаете е дека треба да направите резервна копија од „recovery“ клучот на BitLocker, бидејќи ако го изгубите пристапот до него, го губите пристапот до целиот компјутер.
Добрата вест, сепак, е дека не мора одеднаш да имате шифриран компјутер, бидејќи ќе можете да изберете дали го сакате ова или не.
Додека хардверските барања за Windows 11 се претежно компатибилни со BitLocker, оние кои сакаат да го исклучат автоматското шифрирање на уредот имаат неколку опции.
Прво, тоа може да се направи со менување на регистарот за време на инсталацијата, и второ, може да се користат алатки како Rufus. Сето ова, сепак, веројатно не би било мудро да се направи освен ако немате постар компјутер.