Продажбата на iPhone на Apple во Кина падна за 24 отсто во првите шест недели од оваа година во споредба со почетокот на 2023 година, според истражувачката компанија Counterpoint, како одраз на се посилната конкуренција.
Американскиот технолошки гигант се соочува со жестока конкуренција од кинеските ривали. Така, продажбата на Huawei скокнала за 64 отсто во истиот период, се наведува во извештајот.
Ниту Apple ниту Huawei веднаш не одговорија на барањето на BBC за коментар на податоците.
Покрај обновениот раст на продажбата на Huawei во сегментот на поскапи телефони, Apple е под притисок и од агресивната ценовна политика на кинеските Oppo, Vivo и Xiaomi, напиша Менгменг Џанг од Counterpoint Research.
Според извештајот, падот на кинескиот пазар во целина, е за седум проценти. Кина е еден од најголемите пазари на Apple.
Huawei со години е измачуван од американските санкции, но неговата продажба порасна откако во август минатата година ја лансираше серијата 5G мобилни телефони Mate 60, што ги изненади аналитичарите бидејќи му беше забранет пристапот до клучните чипови и технологијата потребни за 5G мобилен интернет.
Заедно со Huawei, само Honor забележа раст на продажбата меѓу првите пет брендови, според извештајот на Counterpoint. Според Counterpoint, Vivo, Xiaomi и Oppo продале помалку мобилни телефони отколку во првите шест недели од 2023 година.
Извештајот исто така покажа дека уделот на Apple на кинескиот пазар на паметни телефони паднал на 15,7 отсто, од 19 отсто минатата година, што значи дека паднал од второто на четвртото место.
Huawei се искачи на второто место, со пазарен удел од 16,5 отсто, речиси двојно повеќе од пред една година.
Vivo ја задржа позицијата на производител со најмногу продадени мобилни телефони и покрај падот на продажбата од 15 проценти.
Поврзани артикли