Европската комисија почна официјална постапка против социјалната мрежа „Икс“, поранешен „Твитер“, поради сомневање дека не ги исполнила своите обврски од Законот за дигиталните услуги (DSA), со што ги прекршила правата на Европската Унија.
Новата регулатива, која стапи во сила во ноември минатата година, наложува големите интернет-платформи и пребарувачи да ја засилат својата борба против нелегалната содржина и ризиците за јавната безбедност и да ги заштитат своите услуги од манипулативни техники.
Постапката ќе се фокусира на спречување на ширењето незаконски содржини во ЕУ, на ефективноста на мерките преземени за борба против манипулацијата со информациите, особено на системот „известувања во заедницата“, како и мерките што „Икс“ ги презема за зголемување на транспарентноста на својата платформа, вели Комисијата, нагласувајќи дека приоритет ќе има темелната истрага.
„Икс“, во сопственост на Илон Маск, е дел од групата големи технолошки компании под лупата на ЕУ поради новите правила воведени со Законот за дигиталните услуги.
Европскиот комесар Тиери Бретон во октомври ги прекори „Икс“, „Тик-ток“ и „Мета“ дека не направиле доволно за да се спротивстават на дезинформациите по нападот на Хамас врз Израел.
Законот за дигиталните услуги, усвоен од Европскиот совет есента 2002 година, е првата дигитална регулатива во светот според која дигиталните компании во ЕУ се одговорни за содржината објавена на нивните платформи.
Поврзани артикли