Кинескиот гигант меѓу интернет пребарувачите, Baidu, одлучи да нарача серија нови чипови со вештачка интелигенција од домашниот производител Huawei.

Во потег што некои го сметаат за пресвртница во светот на технологијата, со оглед на тоа што поради политички притисок од САД се работи за вртење кон локални решенија, Baidu нарача 1.600 чипови од Huawei.

Станува збор за чипови од серијата Ascend 910B, а вредноста на целата нарачка е околу 61 милион долари, пренесува Gizmochina.

На овој начин, Baidu се подготвува за иднината во која, веројатно, ќе мора целосно да се откаже од досега незаменливите Nvidia AI чипови кои го претставуваат „златниот стандард“ на индустријата, но доаѓаат од САД.

Самата нарачка не е толку голема во споредба со она што обично го објавува Nvidia, но е важна затоа што претставува пресвртница во смисла дека Кина полека се обидува да се преориентира кон домашното производство каде што е можно.

Baidu досега не користел Huawei AI чипови, но моментално е најдоброто што Кина може да го понуди. Сепак, ова не е прва соработка кога станува збор за овие две компании – од 2020 година тие работат заедно за да направат платформите за вештачка интелигенција на Baidu да работат непречено на уредите на Huawei.