Ви беше скапо да плаќате осум евра месечно за X Premium? Платформата на Маск сега нуди уште две нивоа на претплата, едното за три, а другото за дури 16 евра месечно, со достапни различни функции.
Продолжуваат обидите на X (поранешен Twitter) да префрли што е можно повеќе свои корисници на еден од начините на користење што се наплаќаат. По контроверзната платена програма за верификација Twitter Blue, која сега се нарекува X Premium и чини осум евра месечно, социјалната мрежа и нејзиниот сопственик Илон Маск смислија уште неколку начини како да зграпчат пари.
Неодамна започнаа платена програма за отворање на сите нови сметки, која важи за Нов Зеланд и Филипини, а чини еден долар годишно. Нејзината цел е да се намали количината на спам и ботови.
Сега се реализира уште една неодамнешна најава на Маск – се проширува понудата на достапни претплатни пакети. Покрај постоечкиот X Premium за осум евра месечно, корисниците сега добиваат и поевтин, по цена од три евра, како и двојно поскап претплатен пакет. Во зависност од цената се менуваат и поволностите што ги нуди секој претплатен пакет.
introducing Premium+
– no ads in For You or Following
– largest boost for your replies (vs other Premium tiers or unverified users)
– access to our full suite of creator toolsnow available on Web ✌️
subscribe here → https://t.co/Ywvyijo9CQ
— Premium (@premium) October 27, 2023
X Basic
Основниот пакет Basic ако го купите преку десктоп верзија чини три евра месечно или 32 евра годишно. Им овозможува на претплатниците да уредуваат објави отпосле, да објавуваат подолги објави и видеа, да преземаат видеа, да слушаат содржини со исклучен екран на телефонот, како и одредени опции за персонализација (од иконата на апликацијата до криење на сопствените допаѓања и слично). Овој претплатен пакет не бара проверка на идентитетот, а претплатниците на него нема да имаат видлив „син знак“ на X.
X Premium
Средниот пакет, по цена од осум евра месечно или 84 евра годишно, останува како што беше. Значи, нуди се што нуди Basic, но носи и проверка за верификација, покажува помалку реклами на платформата, нуди поголема видливост на објавите, како и можност за заработка од објави (за професионални создавачи на содржина).
X Premium+
Најскапиот пакет сега чини 16 евра месечно или 168 евра годишно. Надградбите на Premium пакетот вклучуваат само уште две придобивки: подобра видливост на објавите и целосно отстранување на рекламите од прикажувањето на содржината.