Германија од 2025 година ќе воведе единствен стандард за полнење на мобилни уреди и на пазарот ќе останат само кабли со USB-C приклучок. Одлуката е во согласност со директивата на Европската Унија.
Владата на канцеларот Олаф Шолц одобри нацрт-амандман на законот за стандардизација, соопшти германското Министерство за економија.
„Со измената на законот се избројани деновите на хаос со различни приклучоци за полнење телефони, таблети и лаптопи“, изјави министерот за економија Роберт Хабек.
„Универзалниот полнач на ЕУ ќе им го олесни животот на потрошувачите и ќе го намали количеството на електричен отпад“, додаде министерот.
Стандардот USB-C ќе биде задолжителен за паметни телефони, дигитални камери, слушалки, таблети, преносни конзоли за видео игри, тастатури, е-книги, GPS уреди и звучници кои се полнат преку кабел.
За лаптопите, стандардот ќе важи од 2026 година.
Според Министерството, во 2020 година жителите на ЕУ купиле околу 420 милиони електронски уреди. Секој корисник има во просек по три типа полначи, од кои два редовно користи.
Членките на ЕУ минатата година се договорија за стандардизација на полначите.