IBM воведе нов дизајн на прототип на микрочип, а целта е да направи револуција во светот на паметните уреди.

Овој микрочип е наменет за уреди кои не се потпираат на cloud или интернет, а од компанијата истакнуваат дека е „направен според архитектурата на човечкиот мозок“, и затоа го отвора патот за поинаков тип на вештачка интелигенција.

За разлика од традиционалните чипови кои ја одвојуваат меморијата од склопот за обработка на податоци, чипот NorthPole комбинира меморија и обработувачки кола како синапсите во мозокот, кои содржат и обработуваат информации врз основа на нивните врски со други неврони.

Во нивната статија објавена во списанието Science, истражувачите на IBM го нарекоа таквиот дизајн на чип „архитектура која ги елиминира границите“.

Чипот NorthPole би можел да помогне во решавањето на два од најголемите проблеми со кои се соочуваат денешните чипови со вештачка интелигенција – тоа се големата потрошувачка на енергија и ограничувањето на просторот за инсталирање транзистори на еден чип.

Овој микрочип има 22 милијарди транзистори и 256 јадра, но за разлика од другите чипови, неговата уникатна архитектура му овозможува поефикасно да работи на задачите и што е уште поважно, не зависи од Интернет. Поради ова, може да биде исклучително корисен во ситуации како што се патување во вселената или дури и на места како бојни полиња.

Научниците велат дека тоа може да направи револуција и во автономната автомобилска индустрија, бидејќи може побрзо да ги обработува податоците и без разлика каде се наоѓаат.