Во 2017 година, француската полиција ја затвори Т411, популарна страница за торенти која имаше повеќе од пет милиони регистрирани членови.

Веб-страницата главно ја користела публика од француско говорно подрачје, но по веста за нејзината пропаст, се испостави дека не сите што работат на неа се Французи.

Главниот осомничен бил лоциран во Канада, а системскиот администратор бил од Украина. Идентификувани се и неколку Французи, но тие главно биле „само“ модератори.

Денес, повеќе од шест години по затворањето на Т411, весникот L’Informe објави дека кривичниот суд во Рен на двајцата главни осомничени им изрекол затворски казни и невиден налог за компензација од речиси половина милијарда евра.

Канаѓанецот кој ја креираше страницата Т411 беше осуден на три години затвор и ќе треба да плати 150.000 евра. Системскиот администратор е осуден на година и пол затвор, од кои 13 месеци се условни.

Она што е сепак поинтересно е што судот одлучил двајцата да мора да им платат на оние чии права ги оштетиле неверојатни 489 милиони евра, од кои најголемиот дел треба да одат кај филмските компании чии производи биле пиратски.

Обвинителите дошле до оваа парична казна пресметувајќи дека на страницата има повеќе од 190.000 торент-датотеки, кои биле преземени повеќе од 270 милиони пати вкупно.

“Не можам да го платам ова. Ако ме натераат, ќе ја напуштам работата и ќе живеам од социјална помош. Во спротивно, би морал да работам 3.500 години за да ја платам оваа казна”, изјави Украинецот Р.В. за сајтот Torrent Freak, кој беше системски администратор.