Google одржа презентација на која претстави неколку нови уреди. Покрај нив, американската компанија претстави и нова верзија на оперативниот систем – Android 14.

Како што наведуваат од компанијата Google, секоја година настојуваат да овозможат надградба на оперативниот систем за Android уредите што значително ќе го подобри корисничкото искуство. Со голем фокус на прилагодување, контрола и подобрени функции за пристапност, Android 14 е тука.

Главниот фокус е приспособувањето, т.е. персонализацијата. Додека iOS има за цел да им понуди слично искуство на сите корисници, Android ветува уште поперсонализирано искуство. Така, корисниците од надградбата на Android 14 ќе имаат уште повеќе опции за прилагодување, со цел дополнително да го подобрат искуството за користење на уредот.

Така, сега Material You е на уште повисоко ниво. Со надградбата на Android 14, корисниците можат да постават сопствени кратенки на заклучениот екран, овозможувајќи брз пристап до нивните омилени апликации и функции.

Има и различни прилагодувања за заклучувањето и почетниот екран, а со новите AI позадини, корисниците имаат можност да постават позадина што им одговара. За оние кои не претеруваат, има софистицирана монохроматска тема со пригушени бои.

Покрај персонализацијата, новиот Android нуди одличен квалитет на фотографии и видео. Ultra HDR гарантира дека фотографиите прикажуваат поживописни бои, посветла позадина и подлабоки сенки.

Health Connect е нова платформа која на корисниците им обезбедува следење на активности и податоци за здравјето. Андроид, исто така, воведува нови правила за споделување податоци кои ви даваат повеќе увид во тоа како апликациите ги користат вашите податоци.

Во однос на пристапноста, има голем број нови функции за лицата со оштетен вид и оштетен слух.

Стабилното ажурирање на Android 14 е веќе достапно за уредите Pixel, а другите производители на Android се очекува наскоро да започнат со надградба на своите телефони до стабилната верзија на Android 14.