Американскиот суд води судски процес против сопственикот на Твитер, Илон Маск, за наводно измама на неговите акционери со тоа што предолго не објавил дека веќе инвестирал во социјалната мрежа, која подоцна ја купил и ја преименувал во „Икс“.
Во одлуката објавена денеска, американскиот судија Ендрју Картер пишува дека акционерите со заедничка тужба ќе се обидат да докажат дека Маск намерно ги измамил со тоа што 11 дена подолго од пропишаниот рок не објавил дека веќе купил пет отсто од акциите на Твитер.
Акционерите тврдат дека Маск заштедил повеќе од 200 милиони долари со зголемување на својот удел во Твитер, додека тајно разговарал за плановите со неговото раководство, пред да открие во април 2022 година дека веќе поседува 9,2 отсто.
Тој удел го платил по вештачки ниски цени, тврдат тужителите. Адвокатите на Маск, пак, тврдат дека тој е еден од „најзафатените луѓе во светот“ и дека ненамерно не го објавил навреме процентот на акции.
Судијата Картер рече дека не може да заклучи дека Маск бил премногу зафатен, ако имал време да купува акции, да се состане со директорите и да објавува за Твитер во исто време. Маск на крајот го купи Твитер за 44 милијарди долари.
Поврзани артикли