YouTube бара начини за поагресивна борба против гледачите кои користат блокатори на реклами додека гледаат видеа на платформата.

Корисниците на YouTube забележаа предупредување дека репродукцијата на видеото ќе биде блокирана по три видеа. Во предупредувањето се наведува дека YouTube ќе ги спречи да продолжат да гледаат видеа на платформата, освен ако не го оневозможат својот блокатор на реклами или не ја додадат веб-страницата на нивната „бела листа“.

„Рекламите го одржуваат YouTube бесплатно за милијарди корисници ширум светот“, се вели во соопштението. Исто така, YouTube ги „советува“ корисниците да се одлучат за претплата на YouTube Premium за да избегнуваат реклами, во тој случај „креаторите сепак би добивале плата за она што го работат“.

Пред овие предупредувања, YouTube прикажуваше само известувања за скокачки прозорци на корисниците на блокирачите на реклами, потсетувајќи ги дека со тоа се прекршени правилата за користење на платформата. Новите предупредувања се „дел од малиот експеримент што YouTube го спроведува на глобално ниво“, кој бара од корисниците да ги исклучат блокаторите на реклами и да дозволат рекламите да се појавуваат на платформата или да се претплатат на YouTube Premium.

Доколку корисниците упорно користат блокатори на реклами, YouTube може да ги спречи да гледаат видеа. Во моментов новите мерки се применуваат за мал број корисници. YouTube најголемиот дел од приходите ги добива од реклами, а падот е забележан во трите претходни квартали, па нема да биде изненадување доколку новите мерки се применат на повеќе корисници ширум светот.