Компанијата OpenAI, која го произведе генеративниот систем за вештачка интелигенција ChatGPT, ќе ја напушти Европа доколку не може да се усогласи со најавената регулатива на ЕУ.

Шефот на OpenAI, Сем Алтман, изјави на настан во Лондон дека неговата компанија прво ќе се обиде да се усогласи со идниот закон на ЕУ за вештачка интелигенција (AI), пренесува Ројтерс.

„Сегашниот нацрт-закон на ЕУ за вештачка интелигенција премногу ја регулира оваа сфера, но слушнавме дека ќе биде повлечен“, рече тој.

Алтман смета дека треба да се направи многу повеќе за овој закон, а не го исклучи и заминувањето на OpenAI од Европа.

Овој месец европските парламентарци договорија нацрт-закон за вештачка интелигенција, но деталите допрва ќе се разговараат на различни нивоа, потсетува британската агенција.