Никогаш не можете да бидете премногу внимателни. Еве еден лесен начин да го пронајдете телефонот ако сте го изгубиле или да го заштитите ако сте сигурни дека нема да го вратите.

Повеќето телефони со Android доаѓаат со вградена апликација Find My Device.

Оваа услуга автоматски ја следи локацијата на вашиот телефон, па ако случајно го изгубите, можете да ја прегледате неговата последна позната локација од кој било уред, да го повикате телефонот ако е во близина или да ги заклучите и/или избришете податоците ако се плашите дека се украдени.

Најважното нешто што треба да направите е да ги поставите сите поставки за Find My Device пред да го изгубите телефонот. Овде е важно да се истакне дека IMEI и сериските броеви на телефонот секогаш некаде треба да бидат при рака. Можете лесно да го дознаете IMEI бројот на телефонот со бирање *#06#.

Бројот IMEI е единствен за секој телефон. Серискиот број на телефонот можете да го видите од поставките (Settings -> About phone). Имањето на овие информации е особено корисно ако телефонот ви е украден и сакате да ја пријавите кражбата во полиција.

Што ви е достапно

Ако го изгубите телефонот, најавете се на вашата сметка на Google од кој било уред.

Одете на android.com/find и внесете ја адресата на е-пошта и лозинката што ги користите за вашата сметка на Google.

Кога Find My Device е отворен, имате три опции:

– Можете да изберете да ви „ѕвони“ телефонот (дури и ако го ставите во Silent mode). Оваа функција е корисна ако мапата покажува дека телефонот е некаде во близина, но едноставно сте го затуриле некаде.

– Можете да го заштитите вашиот уред така што лицето што ќе го пронајде не може да пристапи до почетниот екран. Оваа функција е најкорисна ако вашиот телефон претходно не бил заштитен со лозинка или сензор за отпечатоци

– Можете да ги избришете вашите податоци. Ова е најдобрата опција ако сте 99% сигурни дека нема да можете да го најдете телефонот.

Кога станува збор за iPhone уреди, услугата Find My iPhone е достапна за нив и работи слично како Find My Device. Треба да се најавите на iCloud со вашиот Apple ID и да го лоцирате вашиот телефон.

Функцијата Find My iPhone мора да биде активна на телефонот. Можете да го активирате на вашиот iPhone со одење до Settings -> Apple ID -> iCloud -> Find My iPhone.