Со слоганот „Претвори го твојот сон во забава“, јапонската компанија која управува со истоимената франшиза Pokemon ќе лансира нова игра Pokemon Sleep во текот на летото, чија цел е добар сон.

Со претходната игра Pokemon Go, играчите користејќи ги своите мобилни телефони ловеле нацртани „суштества“ кои можеле да ги видат во просторот од нивната соба и надвор.

Но, сега нема да има брзање, туку „колку подолго спиете, толку подобар резултат ќе имате наутро“, објавија од компанијата за новата игра Pokemon Sleep, која ќе се најде во продажба ова лето ширум светот.

Трејлерите за новата игра сугерираат дека таа го комбинира следењето на спиењето со играњето на паметни телефони.

„Вашата авантура се одвива на мал остров каде што ќе истражувате како спијат Покемоните. Ќе работите со голем Снорлакс кој живее на островот и Нероли, професор кој ги проучува стиловите на спиење на Покемоните“, се вели во соопштението на компанијата.

„Колку подолго спиете, толку повеќе Покемони ќе се појавуваат околу Снорлакс“, велат од истоимената компанија во сопственост на Нинтендо, повикувајќи ги играчите „подобро да се одморат“.

Обожавателите на Pokemon ќе можат да купат и Pokemon GO Plus – гаџет во форма на Pokeball што ќе можат да го постават до својата перница, додека „Гласот на Пикачу испраќа слатки пораки кога е време за спиење или будење“.

Играта Pokemon Go, лансирана во 2016 година, беше светски успех. Бесплатната игра користи сателитски локации, графика и камери за да ги преклопи цртаните ликови со реалниот свет, а целта е играчите да фатат „монструозни суштества“ кои вешто ги избегнуваат.

Ентузијастичките играчи се обвинети и за предизвикување сообраќајни несреќи и за други прекршоци додека шетаат по улиците со носовите притиснати на телефоните.

Покемонот е светски хит од 1996 година, кога беше лансиран на конзолата Nintendo Game Boy. Франшизата, чиј ознака е „Морам да ги фатам сите“, вклучува филмови и многу популарно анимирано ТВ шоу.