Интернет апликацијата CHATBOT ChatGPT, на калифорниската компанија OpenAI, која се занимава со развој на вештачка интелигенција, е најбрзо растечката апликација во историјата, објави Yahoo Finance.

Според студијата на UBS, апликацијата ChatGPT имала 13 милиони уникатни посетители дневно во јануари 2023 година, што е двојно повеќе од бројот на посетители во декември минатата година.

ChatGPT постои околу два месеци и веќе има 100 милиони корисници месечно, според податоците од студијата.

Студијата, која цитира податоци од аналитичката компанија Similarweb, го позиционира ChatGPT наспроти другите брзорастечки апликации како што се TikTok и Instagram.

За споредба, на TikTok му беа потребни девет месеци да достигне 100 милиони месечни активни корисници, додека на Instagram му беа потребни две и пол години.

„За 20 години следење на интернет просторот, не можеме да најдеме пример за побрз раст меѓу потрошувачките интернет апликации“, пишуваат аналитичарите на UBS во студијата.