Паметните телефони секоја година стануваат се попаметни, а можеби не сте знаеле дека камерите на добар дел од денешните паметни телефони се способни да детектираат скриени камери.

За да можат да снимаат при слаба или без услови на осветлување, камерите за надзор често го користат инфрацрвениот спектар на светлина. Човечкото око не може да го види, но камерата на телефонот може.

Како да проверите дали камерата на вашиот телефон може да открие инфрацрвена светлина?

Можете многу лесно да проверите дали камерата на вашиот мобилен миленик е опремена со можност за откривање инфрацрвена светлина, користејќи го далечинскиот управувач на телевизорот.

Вклучете ја камерата на телефонот, а потоа насочете ја кон далечинскиот управувач на ТВ-уредот. Притиснете копче на него и гледајте го екранот на телефонот.

Ако вашиот фотоапарат може да детектира инфрацрвена светлина, таа ќе се прикаже како стабилна или пулсирачка светлина.

Дополнително, доколку камерата на задната страна на уредот не детектира инфрацрвена светлина, можно е предната да детектира, па обидете се и со таа опција.

Откривањето инфрацрвена светлина со камерата на вашиот телефон може да биде корисно ако сакате да проверите дали има скриена камера во AirBnB или друго приватно сместување што го користите, а кое мислите дека не е доверливо. Во такви сместувања, најдобро е да ја затемните просторијата што е можно повеќе, да ја активирате камерата на телефонот и да ја прегледате областа.