Иако во почетниот период по нивното претставување се чинеше дека Google ги направи телефоните Pixel 7 без многу грешки, тоа не е така. Корисниците на овие модели веќе се пожалија на одредени проблеми, но на нив не им дојде крајот, бидејќи се појавува уште еден.
Според најновите извештаи кои доаѓаат од корисниците на телефоните Pixel 7 и Pixel 7 Pro, овие два уреди имаат проблем со видео повиците.
Имено, корисниците на овие телефони пријавуваат лош квалитет на видео при користење на апликации како Google Meet, Telegram, Instagram и WhatsApp. Специфичниот проблем е опишан како предизвикување заматени и размачкани слики при користење на предната и задната камера додека остварувате видео повици.
Првично се мислеше дека проблемот е предизвикан од ограничувањата на квалитетот на видеото во апликацијата Google Meet, но набргу потоа, проблемот почна да се појавува и во други апликации.
Корисник на Reddit направи слики од екранот додека правеше видео повик на Google Meet на Pixel 7, iPad Pro 2018 и Pixel 3XL, каде најдобро се гледа проблемот што влијае на серијата Pixel 7.
Постојат гласини дека одредени апликации го оптимизираат видеото за одредени модели на телефони, но очигледно тоа не е случај овде, имајќи предвид дека телефоните не даваат добар квалитет дури и на Google Meet.
Кон крајот на минатата година, корисниците на Twitter и Reddit се пожалија дека стаклото од модулот на задната камера на нивниот телефон почнало да пука, додека претходно телефоните имале сериозни проблеми поврзани со траењето на батеријата.
Така, XDA Developers открија дека екранот на телефонот Pixel 7 Pro троши невообичаено голема количина на батерија, бидејќи неговата осветленост е зголемена до максимум. Откриено е дека батеријата на телефонот паднала за цели 10% по само 15 минути вклучен екран.