Нефункционален сателит на американската вселенска агенција НАСА падна на Земјата по 38 години во орбитата околу планетата.
Станува збор за Earth Radiation Budget Satellite или скратено ERBS, кој е лансиран во 1984 година со помош на спејс шатлот Challenger.
До 2005 година, податоците испратени од ERBS им помагаа на научниците да истражат како Земјата ја апсорбира и ја зрачи енергијата од Сонцето и ги измери концентрациите на озон, водена пареа, азот диоксид и аеросоли во атмосферата.
Американското Министерство за одбрана потврди дека ERBS влегла во атмосферата во неделата над Беринговото Море и во најголем дел изгорела во атмосферата.
Инаку, сателитот го надмина очекуваниот животен век од две години и беше функционален 21 година. Неговиот инструмент Stratospheric Aerosol and Gas Experiment II (SAGE II) собра податоци кои го потврдија осиромашувањето на озонската обвивка на глобално ниво.
Податоците собрани од ERBS помогнаа да се создаде Договорот за протокол од Монтреал, меѓународен договор потпишан во 1997 година, што резултираше со драстично намалување на употребата на хлорофлуоројаглероди кои го осиромашуваат озонот (CFC). Овие хемикалии некогаш се користеле за ладење, климатизација и слично.
Да не беше забраната за CFC, светот ќе беше на пат за колапс на озонската обвивка и глобално затоплување од дополнителни 2,5 степени до крајот на векот, покажа студија од 2021 година.
Денес SAGE III на Меѓународната вселенска станица собира податоци за „здравјето“ на озонската обвивка.