Некои категории на апликации се многу полоши од другите, а апликациите за слабеење се меѓу покритичните.
Почетокот на годината е време кога луѓето донесуваат одлуки за промени во нивните животи. Некои се решени да ослабат, други да се откажат од пушењето на првиот ден од новата година, трети сакаат да поминуваат помалку време на социјалните мрежи.
За жал, статистиката покажува дека секоја трета новогодишна резолуција не успева затоа што луѓето не можат да го следат нивниот напредок и токму затоа многумина се обраќаат кон апликациите како решение. Иако апликациите можат да помогнат да се следи напредокот кон целите, тие исто така може негативно да влијаат на вашата приватност.
Сепак, не се исти сите апликации кои можат да помогнат во следењето на напредокот на новогодишните резолуции. Истражувачите од фирмата за заштита на податоци Incogni кои прегледаа 344 апликации од Google Play Store велат дека некои категории на апликации се далеку полоши од другите. Анализираните апликации се од 16 категории и секоја има рејтинг за ризик за приватност.
Тимот на Incogni го оцени нивото на заштита на приватноста на апликациите, какви видови дозволи треба да им дадат корисниците на апликациите и дали од корисниците се бара да дадат „опасни дозволи“.
Резултатите покажуваат огромна разлика помеѓу категориите на апликации. На пример, категоријата апликации за слабеење имаше најлоши резултати кога станува збор за приватноста на корисниците.
На второ место се апликациите за украсување и реновирање, а веднаш зад нив се апликациите кои ги поттикнуваат корисниците да вежбаат повеќе и да поминуваат помалку време на социјалните мрежи.
Спротивно на тоа, апликациите што можат да ви го олеснат откажувањето од цигарите имаат најниска оценка за ризик за приватност, така што откажувањето од пушењето со помош на вистинската апликација е најдобрата новогодишна резолуција што можете да ја направите со оглед на вашето здравје, а и „дигитално здравје“.
Анализата на апликациите за Android откри и општи трендови. Од сите анализирани апликации, 84% побарале барем една опасна дозвола. Истражувачите ја дефинираат „опасната дозвола“ како поризична бидејќи на апликацијата и се дава пристап до приватните кориснички податоци или дури и контрола врз уредот, пишува Informacija.rs.
Повеќе од 74% од апликациите побарале дозвола за читање на содржината на USB-меморијата, додека 66% барале дозвола за промена или бришење на содржината на USB-меморијата.
„Три категории веднаш се издвојуваат како најлоши. Категориите волонтирање, губење на тежината и подобрување/реновирање дом бараат најмалку една опасна дозвола“, се вели во извештајот објавен на блогот Incogni.
Од друга страна, апликациите кои го следат прекинот на пушењето бараа најмалку опасни дозволи, при што 59% од анализираните апликации од таа категорија бараат опасни дозволи, а 40% не.
Интересно, истражувачите забележале дека популарноста на апликациите е во корелација со ризикот за приватноста на податоците: популарните апликации честопати се помалку загрижени за приватноста на корисниците. Најпопуларната група апликации има просечна оценка за ризик за приватност двапати поголема од најмалку популарната група, а овие апликации бараат во просек 5 дополнителни дозволи и 2 поопасни дозволи.
Поврзани артикли