Астрономите во Аризона кон средината на минатиот месец забележаа астероид со големина на автомобил, кој помина поблиску до Земјата отколку што се далеку комуникациските сателити.
Астрономот Тони Дан објави симулација на астероидот и како би изгледала Земјата доколку се гледа од оваа вселенска карпа. Астероидот првпат бил забележан само кога поминал најблиску до Земјата, односно кога бил на растојание од 21.000 километри. Инаку, комуникациските сателити орбитираат околу планетата на поголема оддалеченост, односно на 35.786 километри. Овој астероид е означен како 2022 YO1.
Close call. Newly-discovered #asteroid 2022 YO1 passed closer than our geostationary satellites on Saturday. This shortened its orbital period, ensuring more frequent encounters. pic.twitter.com/foY24XNYdu
— Tony Dunn (@tony873004) December 20, 2022
Поради неговата близина до Земјата, 2022 YO1 е означен како NEO (Near Earth Object) и може да ја погоди нашата планета за време на идните орбити. Во текот на својата следна орбита, тој би можел да помине покрај Земјата на растојание од само 5.439 километри, точно две години од денот кога за прв пат беше забележан.
Ова е шести астероид на листата на оние кои биле најблиску до Земјата оваа година. Исто така, оваа година беа забележани седум од 50-те најблиски до планетата. Тоа само покажува колку напредуваат истражувањата на небото.
Астероидот не е голем, широк е четири метри, па дури и да се упати кон Земјата, веројатно целосно би изгорел во атмосферата. Тоа би се претворило во огнена топка која нема да падне на земја.
Астрономите продолжуваат да бараат џиновски астероиди кои се потенцијални „убијци на планетите“ кои би можеле да се упатат кон нас. Со цел да го зголеми капацитетот за пребарување, американската вселенска агенција НАСА планира да лансира нов телескоп Near Earth Objects Surveyor, кој ќе „лови“ астероиди и комети кои претставуваат ризик за Земјата.
Овој телескоп ќе бара астероиди со пречник од 140 метри и поголеми, а лансирањето е планирано за 2028 година. Се очекува да открие 90 проценти од астероидите со оваа големина за помалку од десет години.
Поврзани артикли