Компанијата SpaceX го изведе своето 61-во и воедно последно лансирање годинава.

SpaceX го лансираше израелскиот сателит за надзор EROS C-3 во орбитата од вселенската база Ванденберг во Калифорнија користејќи ја својата ракета Falcon 9. Ракетата го испорача товарот во орбитата 15 минути по лансирањето, а нејзината прва етапа се врати на Земјата и успешно слета.

EROS C-3 е сателит за набљудување на Земјата со цел „да им овозможи на одбранбените и разузнавачките организации да спроведуваат операции со целосна доверливост и заштита на податоците“. Производител на сателитот е компанијата ImageSat International, а чинеше 186 милиони долари.

Првиот сателит од овој тип наречен EROS A беше лансиран во 2000 година, а шест години подоцна влезе во земјината атмосфера. Малку се знае за активните членови на флотата, сателитите EROS-B, EROS-C1 и EROS-C2, веројатно од безбедносни причини.

EROS-C3 има резолуција од 30 cm за слики со сиви тонови или 60 cm за мултиспектрални слики. До крајот на деценијата, тој ќе биде дел од квартет сателити EROS кои ќе работат заедно со два радарски сателити со синтетички отвор.

Ракетата што го лансираше израелскиот сателит беше употребена по 11-ти пат. Претходно беше лансиран за испраќање астронаути на НАСА во вселената, лансирање на две сателитски Интернет мисии Starlink, како и шест комерцијални и беспилотни мисии на НАСА.

Ова беше 160-то успешно слетување на орбиталната ракета на SpaceX, вклучувајќи ги Falcon 9 и Falcon Heavy.