Проектот треба да биде целосно развиен до крајот на годината и да обезбеди податоци од 166 градови во десет италијански региони

Италијански научници анализираат примероци од канализација од десетици постројки за третман на отпадни води во надеж дека нивната содржина ќе им овозможи подобро да го предвидат идниот тек на пандемијата на коронавирусот.

Научниците сакаат да воспостават систем што ќе им овозможи да ја проценат стапката на движење на вирусот кај локалното население една недела однапред. Властите на тој начин ќе можат да го предвидат врвот на болеста и ќе имаат доволно време да ги подготват болниците.

Примероците се собираат еднаш или двапати неделно од постројките за третман на отпадни води низ Италија и проектот брзо се шири.

„Анализите ни даваат моментална слика за епидемиолошкиот статус на населението во еден град“, рече Алесандро Терачиани, одговорен за квалитетот на водата во компанијата за третман на отпадни води „Аквалатина“.

„Постои директна корелација помеѓу количината на вирусот и популацијата, па затоа е лесно да се направи статистичка анализа за тоа колку вирусот се шири кај дадената популација“, рече тој.

Италијанскиот национален институт за здравство (ISS) го започна проектот во јули. Слични проекти се спроведуваат во Холандија, Израел, Шпанија и САД.

Веќе имаме податоци што ни овозможуваат да го предвидиме трендот за области како Милано и Рим седум до 10 дена однапред, рече Лука Луцентини, директор за квалитетот на водата на ISS.

Проектот треба да биде целосно развиен до крајот на годината и да обезбеди податоци од 166 градови во десет италијански региони.

Италија го премина прагот од еден милион заразени со коронавирус. Досега има пријавено 42.953 смртни случаи, најмногу во Европа зад Велика Британија. Дневниот просек на новоинфицирани е повеќе од 34.000 во последните седум дена.