Google Search забележа најголем сообраќај во својата 25-годишна историја за време на финалниот натпревар на Светското првенство помеѓу Аргентина и Франција.
Директорот Сундар Пичаи преку Твитер објави дека Google стана информативен центар за финалето на Мундијалот, кое беше меѓу најдобрите во историјата. За време на групната фаза и осминафиналето веќе се срушени рекорди, а веројатно станува збор за најгледаното финале во историјата, иако треба да се чекаат официјални податоци.
Google им олесни на корисниците да ги следат настаните со ажурирања пред Светското првенство. Пребарувањето за поимот „World Cup“ се прикажуваше во посебен дел на врвот со список на претстојни натпревари, вклучувајќи датуми и термини на почетокот. Исто така, беше можно да се активираат известувањата за мобилни телефони за одредени тимови со допирање на иконата за ѕвонче и избирање на тимот што корисникот сака да го следи.
За сообраќајот на Google Search придонесоа интересните натпревари и драматичните завршници, особено во спектакуларното финале во кое Аргентина славеше со подобро изведување пенали. Лионел Меси конечно го доби трофејот на СП, додека Килијан Мбапе на другата страна исто така одигра неверојатен шампионат.