WhatsApp веќе им овозможува на корисниците да гледаат видеа на YouTube во режим PiP – picture-in-picture (слика во слика), а сега оваа функција би можела да стане достапна за видео повици на платформата.

Апликацијата за пораки, која е во сопственост на Мета, тестира додавање на режим „слика во слика“ на својата апликација за iOS.

WABetaInfo открива дека видеоповиците во PiP режим се тестираат како дел од WhatsApp бета верзијата 22.24.0.79 за iOS. Засега, модот не е достапен за Android.

Со споменатата функција, корисниците ќе можат да разговараат со луѓе во рамките на видео повиците на WhatsApp и да проверуваат други апликации додека го прават тоа. Ова ќе го олесни извршувањето на повеќе задачи.

Во моментов, можно е само да се проверуваат другите разговори на WhatsApp кога сте во видео повик. Режимот PiP ќе се активира кога ќе излезете од апликацијата WhatsApp за време на видео повик.

Според извештаите, режимот PiP за видео повици WhatsApp е достапен за корисници кои имаат уреди со iOS 15 или понова верзија.

WhatsApp планира да го подобри и пребарувањето во апликацијата. Неодамна беше забележана функција која спречува слики од екранот на пораките што исчезнуваат, а бета-тестерите на Android забележаа View Once пораки кои не дозволуваат „скриншотови“.