Властите во Сан Франциско ја сменија одлуката со која ѝ дозволија на локалната полиција да користи роботи кои можат да убиваат луѓе.

Одлуката резултираше со остри критики од граѓански групи кои се спротивставија на употребата на роботи кои во екстремни сценарија имаат способност да убиваат осомничени. Со гласањето беше одлучено да се „паузира“ одлуката и да се направат дополнителни анализи.

Гласањето доаѓа откако во Калифорнија беше воведен нов закон кој дозволува градската полиција да чува воена опрема, но мора да бара дозвола да ја користи.

Доктор Кетрин Коноли од групата Stop Killer Robots изјави за Би-Би-Си дека лиценцирањето на роботите е „лизгав терен“.

Демонстрантите и функционерите кои се спротивставија на одлуката се собраа на скалите на градското собрание и побараа повлекување на одлуката. При второто гласање, спорната одлука беше повлечена.

Оригиналниот предлог-закон сега ќе биде изменет или целосно отфрлен.

Од друга страна, полицијата тврдеше дека роботите ќе се користат само во екстремни околности. Тие би можеле да бидат опремени со експлозивни полнења за „пробивање на утврдени структури во кои се сместени насилни, вооружени или опасни субјекти“.

Исто така, роботите би можеле да се користат за „оневозможување на насилни, вооружени и опасни осомничени кои претставуваат ризик по животот“.

Смртоносните роботи веќе се користат во други делови на САД. Во 2016 година, полицијата во Тексас употреби робот опремен со експлозив Ц-4 за да елиминира снајперист кој уби пет полицајци и рани неколку други.