Научниците веруваат дека направиле чекор напред во развојот на вакцина против сите 20 познати форми на грип. За развој на оваа вакцина се користи технологијата mRNA, која беше искористена за успешен развој на вакцината против коронавирусот.
Тестовите на глувци покажаа дека новата вакцината против грип произведува голем број на антитела. Како што напишаа истражувачите во научното списание Science, антигените содржат безбедни копии од елементите на сите 20 познати вируси и можат да го научат имунолошкиот систем како да се бори против секоја нова форма што може да предизвика пандемија.
„Идејата е да се има вакцина што ќе им даде на луѓето основна имунолошка меморија против различни форми на грип. Ќе има многу помалку болести и смртни случаи за време на следната пандемија“, рече научник кој работеше на развојот на оваа вакцина, Скот Хенсли од Универзитетот во Пенсилванија.
Пандемијата на свински грип во 2009 година беше многу помалку тешка од очекуваното. Од друга страна, се смета дека пандемијата на шпански грип од 1918 година убила десетици милиони луѓе.
Адолфо Гарсија-Састре, директор на Институтот за глобално здравје и нови патогени во болницата Маунт Синај во Њујорк, истакна дека достапните вакцини не штитат од сите форми на грип. Тој посочи дека резултатите од развојот на новата вакцина се охрабрувачки, но дека е рано да се извлечат конечни заклучоци, пренесува Би-Би-Си.
Поврзани артикли