Леталото на американската вселенска агенција НАСА успешно го заврши летот над површината на Месечината.
Станува збор за мисијата Artemis 1 чија цел беше леталото/капсулата Орион да прелета над површината на Месечината на височина од 130 километри. По завршувањето на мисијата, Орион ќе се врати на Земјата.
Контактот со леталото бил изгубен 34 минути за време на овој маневар, кој бил изведен на далечната страна на Месечината. Потоа сигналот бил вратен, а леталото испратило фотографија од Земјата. НАСА соопшти дека мисијата Артемис 1 ги надмина очекувањата по лансирањето минатата недела.
„Ова е еден од оние денови за кои размислувавте и сонувавте долго време. Видовме како Земјата „исчезнува“ зад Месечината додека испративме вселенско летало зад неа во подготовка за враќање на луѓето на површината на Месечината во неколку години. Ова менува сè“, рече директорот на летот на НАСА, Зебулон Сковил.
Вселенското летало Орион прелета над одредените места за слетување за мисиите Аполо 11, 12 и 14. Неговата мисија започна минатата среда со лансирање на ракета SLS од вселенскиот центар Кенеди. SLS е најмоќната ракета во историјата на НАСА и успешно го испрати леталото Орион на пат околу Месечината, кое веќе испрати неколку фотографии од своето патување.
Да потсетиме дека во оваа мисија немаше астронаути, туку во леталото беа поставени три манекени опремени со илјадници сензори. Задачата на овие сензори е да собираат податоци, со чија анализа ќе се утврди дали околината ќе биде поволна за луѓето. Тоа се различни сензори како сензори за зрачење и движење, а има и акцелерометри.
Сето ова е исклучително важно, бидејќи доколку мисијата се одвива според планот, астронаутите ќе одат на патување околу Месечината како дел од мисијата Артемис 2. Мисијата Артемис 3 вклучува слетување на првата жена на Месечината, како и на првата личност со темна кожа.
Европската вселенска агенција, исто така, внимателно го следи вселенското летало бидејќи го изгради сервисниот модул Орион кој обезбедува енергија и погон.
По ниското прелетување, Орион сега ќе биде многу подалеку кога ќе го започне своето ново патување околу Месечината, а на 26 ноември ќе го собори рекордот на мисијата Аполо 13 кога ќе достигне оддалеченост од 400.171 км од Земјата.
Два дена подоцна, ќе биде оддалечена 430.000 километри, што е најголемото растојание за вселенско летало направено од човек.
После тоа, Орион ќе го започне своето патување кон дома, назад кон Месечината и кон Земјата. Ќе падне во Пацификот на 11 декември.
Поврзани артикли