Ако сте ја заборавиле лозинката за влез во вашиот паметен телефон, не е сè изгубено. Има начин да го отклучите.
На сите ни се има случено барем еднаш. Поставивме лозинка за најавување на паметниот телефон и – ја заборавивме.
Можеби се работи за нов телефон и нова лозинка што набрзина сте ја поставиле или стар телефон што седел некаде во фиока, а сега се сетивте дека имате некои податоци на него што ви се потребни.
Што и да се случило, не очајувај. Не е сè изгубено, особено ако имате телефон со Android. Постои начин да пристапите до податоците на телефонот без лозинка.
Алтернативни методи за отклучување
Прво, проверете дали има алтернативни начини за отклучување. Паметните телефони денес нудат можности за отклучување со отпечаток од прст, препознавање лице, лозинка и PIN. Ако го заборавивте вашиот PIN, можеби можете да го отклучите со отпечаток од прст? Можеби е додаден ликот на член на семејството?
Поврзете го со вашиот компјутер
Некои телефони со Android ќе ви овозможат пристап до податоци ако го поврзете телефонот со компјутер. За тоа ќе биде доволен USB-кабел како оној што се користи за полнење на уредот.
Но, дали ќе функционира зависи од неколку параметри. Од верзијата на Android, преку моделот на уредот, специјална програма за управување со податоци која претходно требаше да се инсталира, па дури и верзијата на Windows што се користи.
Обидете се да го поврзете вашиот уред со вашиот компјутер и проверете дали ви дава опција да префрлите документи или фотографии на вашиот компјутер. Ако понуди, зачувајте што може да се спаси. Ако не понуди, обидете се со друг начин за отклучување на уредот.
Отклучете ги постарите модели со Google recovery
Ако се работи за постар телефон, може да се обидете да го вратите пристапот користејќи го Google recovery. Овој метод на отклучување ќе ја ресетира лозинката што сте ја поставиле, но нема да ги избрише податоците на уредот.
За уреди кои користат Android 4.4 или постар, доволно е да внесете погрешна лозинка пет пати по ред. По последниот неточен запис, опцијата „Forgot pattern“ ќе се појави на дното на екранот. Само кликнете на таа опција и внесете ги вашите податоци за да пристапите на Google. После тоа, уредот ќе се отклучи и ќе побара од вас да креирате нова лозинка.
Отклучете ги поновите модели со Find My Device
Уредите што користат Android 5 и понова верзија имаат дополнителна безбедносна опција која им овозможува на сопствениците полесно да го пронајдат (и отклучат) уредот. Единствениот проблем е што оваа опција мора да се активира на самиот уред.
Од друга страна, доколку ја имате вклучено опцијата Find My Device (а можете да ја проверите во поставките на телефонот), доволно е да се најавите на страницата Find My Device на вашиот компјутер. Ќе ви требаат вашата сметка на Google и лозинката. Од списокот со уреди регистрирани на таа сметка, изберете го саканиот телефон. На мапата ќе можете да видите каде е телефонот, да го заклучите (иако тоа не е потребно во овој случај), но и да ги избришете податоците.
Иако можеби не е најдобрата опција ако сакате да добиете некои податоци од тој уред, може да биде добро решение ако сакате да го подарите уредот, да го замените за нов во продавница или да го продадете. Потсетуваме дека на овој начин ќе останете без податоците на уредот, а тој ќе се врати на фабричките поставки.
Отклучување со ресетирање на фабричките поставки
Ова е опцијата што треба да ја пробате последна, бидејќи тоа значи дека ќе ги изгубите сите лични податоци зачувани на тој телефон. Враќањето на фабричките поставки може да се направи со притискање на комбинација од копчиња на телефонот, а за кои копчиња станува збор зависи од производителот и моделот на телефонот.
Ако сте меѓу оние кои поставиле редовни ажурирања и создаваат безбедна копија од вашите податоци во облакот (најчесто како резервна копија на Google), ќе изгубите минимална количина на податоци. Ако не, подгответе се да изгубите сè.
Samsung има своја верзија на Find My Device
Корисниците на уредите Samsung можат да ја пробаат опцијата Find My Mobile на Samsung. За да го направите ова, тие треба да се логираат на страницата Find My Mobile на Samsung со нивните кориснички податоци и да го изберат уредот поврзан со нивната сметка што треба да се отклучи.
После тоа, доволно е да ја изберете опцијата Unlock/Отклучи и уредот ќе се отклучи и ќе биде побарано да поставите нова лозинка.
Поврзани артикли