Бродовите се сериозна закана за китовите, а технологијата може да помогне да се заштитат.

Официјалните податоци покажуваат дека меѓу 18.000 и 25.000 китови годишно умираат поради судири со бродови, а чилеанската влада, во соработка со Фондацијата MERI преку Иницијативата Blue Boat, се обидува да најде решение потпирајќи се на технологијата.

Станува збор за „паметна“ пловка која треба да помогне во следењето на морските екосистеми, но и во заштитата на китовите. Пловката плута во заливот Корковадо и ги предупредува бродските посади доколку китовите се во нивна близина за да се избегнат инциденти.

Технологијата користи океанографски сензори и софтвер за „слушање“ на длабоката океанска средина (LIDO) напојуван со вештачка интелигенција за да ги одреди видовите и локацијата на цицачите. Исто така, го проверува „здравјето на океаните“ со следење на нивото на кислород, температурата и други фактори. Тие податоци би можеле да помогнат во проучувањето на климатските промени и нивното влијание врз морскиот свет.

Иницијативата Blue Boat моментално има за цел да користи шест или повеќе пловци за заштита на китовите во заливот. Членовите на проектот се надеваат дека ќе можат да ја „покријат“ целосната миграциска рута на китовите меѓу Антарктикот и екваторот, што би можело да го намали бројот на судири низ нивното живеалиште. Исто така, подобри информации би биле корисни во процесот на донесување владини одлуки за заштита на животната средина.

Технологијата може да биде подеднакво важна и за луѓето и за китовите. Покрај нивната улога во деликатно избалансирани екосистеми, китовите помагаат да се „зароби“ CO2 и да се прераспредели топлината низ океанските струи. Колку повеќе од овие животни, толку океанот ќе биде поефикасен во ограничувањето на глобалното затоплување и неговите штетни ефекти.