Редок римски мозаик стар 1.600 години е пронајден недопрен во централна Сирија.

Мозаикот од 20 x 6 метри е пронајден под зграда во Растан во близина на Хомс, која беше под контрола на бунтовниците во граѓанската војна до 2018 година. Овој мозаик прикажува митски сцени вклучувајќи ја и Тројанската војна и се смета за најреткиот од ваков вид.

Многу од археолошките богатства во Сирија се оштетени за време на 10-годишната војна, но последното откритие е опишано како најважно во археологијата од почетокот на конфликтот во 2011 година.

„Пред нас е откритие кое е ретко на глобално ниво“, изјави за АП Хаман Саад, висок функционер во Генералниот директорат за музеи и антиквитети во Сирија.

Тој додаде дека мозаикот е богат со детали и го прикажува римскиот бог Нептун со неговите 40 љубовници, како и Херкул како ја убива амазонската кралица Хиполита.

Растан беше упориште на бунтовниците и место на интензивни борби се додека не беше заземен од сириските владини сили во 2018 година.

Сирија се смета за ризница за археолозите бидејќи е дом на некои од најдобро зачуваните реликвии на древните цивилизации, вклучувајќи ја џамијата Омајад во Дамаск и древниот град Палмира.

Хаосот во Сирија го поттикна црниот пазар за помали предмети како што се монети и статуетки.