Каролин Р. Бертоци, Мортен Мелдал и К. Бери Шарплес се овогодинешните добитници на Нобеловата награда за хемија за развој на начин за градење молекули што се смета за генијален.
Тие се заслужни за унапредувањето на клик хемијата и биоортогоналната хемија, што доведе до она што Кралската шведска академија на науките го нарече револуција во тоа како хемичарите размислуваат за поврзување на молекулите.
Како што е објаснето, клик хемијата овозможува брзи и едноставни реакции со кои молекуларните градежни блокови брзо се спојуваат. Ова даде значаен придонес во развојот на фармацевтските производи и медицината, кои исто така се однесуваат на лекувањето на ракот.
Шарплес и Мелдал се истакнати како пионери во ова прашање, додека Бертоци е заслужен за подигањето на проучувањето на клик хемијата на повисоко ниво. Претседателката на Американското хемиско здружение, Ангела Вилсон, изјави за Си-Ен-Ен дека клик хемијата е спојување на две молекули, на начинот на кој „се спојуваат легото коцките“.
„Бертоци успеа да ја проучува клик хемијата во човечкото тело, што е апсолутно извонредно. Овие тројца хемичари укажаа на нови работи што може да се направат во различни области – од фармацевтска хемија до хемија на материјали. Нивните откритија веќе се користат во индустриското производство“, образложи Вилсон.
Бертоци на прес-конференција рече дека нејзините научни откритија се користат за откривање на нови видови на молекули за кои не се знаело дека постојат. Ова овозможи да се произведат поефикасни лекови.
Хемичарот Бери Шарплес е петтиот човек кој двапати ја добил Нобеловата награда, придружувајќи им се на хемичарите Марија Кири и Фредерик Сангер.