BMW ги објави првите детали за новиот дизајн на батерии од шестата генерација, кој на пазарот ќе пристигне кон средината на деценијата.

Новите батерии ќе претставуваат значително подобрување на дизајнот на петтата генерација и ќе бидат наменети за најновите модели на марката, како што се BMW iX и BMW i4.

Новата батерија и понатаму е од литиум-јонски тип, но има дизајн со кружни ќелии, што овозможува поефикасно пакување во споредба со сегашната форма на призма. Во самата ќелија зголемена е содржината на силициум и никел, а намалена е количината на скап кобалт. Покрај тоа, кобалтот може да се замени со литиум железо фосфат.

Од BMW наведуваат дека новиот дизајн носи предност во енергетската густина на ќелиите за 20%, а се проценува дека тоа ќе резултира со 30% поголема автономија во споредба со батериите од петтата генерација со слична големина и тежина.

Друга клучна предност на новата батерија е преминот кон архитектура од 800 V, која ја прифаќаат се повеќе производители, бидејќи овозможува брзо полнење со голема моќност. BMW не објави специфики за времето на полнење, но се очекува да биде околу 30% побрзо во споредба со денешните батерии.

Развојот на новите батерии се одвива во центарот на BMW во Минхен. Германската компанија сама ќе ги произведува новите батерии во шест фабрики со вкупен капацитет до 20 gWh. Фабриките се рамномерно распоредени низ Кина, Европа и Северна Америка и ќе користат рециклирани материјали во производниот процес. Сето ова заедно значи дека трошоците за производство на батерии би можеле да се намалат до 50% во споредба со петтата генерација, велат од BMW.