Американската вселенска агенција NASA се подготвува за нов обид за лансирање на својата ракета SLS (Space Launch System), а тоа нема да се случи пред 27 септември.

NASA имаше втор обид да ја лансира ракетата SLS претходно овој месец, кој беше прекинат поради истекување на водород. Агенцијата размислуваше за 23 септември како нов датум за лансирање, но ништо нема да излезе од тоа. Новиот датум е 27 септември, а се размислува и за 2 октомври.

Кога SLS конечно ќе полета, ќе испрати беспилотна капсула Орион на пат околу Месечината. Враќањето на капсулата на Земјата ќе го одбележи успешниот прв чекор од програмата на NASA Артемис, чија цел е враќање на луѓето на Месечината, како и патувања со екипаж на Марс.

Неодамнешните проблеми потсетуваат дека нема гаранции, така што секој обид за лансирање претставува специфичен тест кој и овозможува на NASA да ги „испегла“ проблемите што ги има SLS.

На 29 август, агенцијата првпат се обиде со мисијата Артемис 1, која беше откажана поради проблеми со моторот RS-25 број 3 за време на процесот на полнење гориво. Тимот на NASA го реши проблемот со неисправниот температурен сензор што предизвика одложување на лансирањето и ја подготви ракетата SLS и капсулата Орион за лансирањето закажано за 3 септември. Сепак, истекувањето на течен водород беше причина за уште едно повлекување.

Претставници на NASA изјавија дека тимот на мисијата заменил две заптивки кои предизвикале брзо исклучување и истекување на водород за време на последниот обид за лансирање. Пред агенцијата да може да се обиде повторно да лансира, мора да се изврши тест за полнење гориво за да се докаже дека проблемот е решен. NASA планираше да го изврши тој тест на 17 септември, но го префрли за 21 септември.

Ракетата SLS моментално се наоѓа на лансирната подлога 39B во вселенскиот центар Кенеди на NASA во Флорида, но наскоро може да се врати во објектот Vehicle Assembly Building (VAB) за да го надополни системот за завршување на летот. Тој систем моментално е сертифициран од американските вселенски сили на 25 дена, NASA побара продолжување, а доколку не го добие, ќе мора да ја врати ракетата во VAB на тестирање.

Сепак, постои уште еден потенцијален проблем, а тоа е фактот дека SpaceX планира да ја лансира и мисијата на NASA со екипаж Crew-5 на Меѓународната вселенска станица. Ракетата ќе биде лансирана од лансирната рампа 39А, па мисијата Артемис 1 би можела повторно да биде одложена.

NASA соопшти дека тимовите соработуваат и дека датумите на лансирање ќе бидат анализирани во наредните недели. SpaceX и NASA соработуваат и на мисијата Артемис III, која ќе ја користи ракетата Starship на SpaceX како лендер на Месечината за да испрати луѓе на површината на Месечината за прв пат по Аполо 17 во 1972 година.