Stellantis постигна рекордни финансиски резултати во првата половина од годината и покрај моменталниот недостиг на полупроводници и суровини.
За ова најмногу придонесе добрата продажба на хибридни и електрични автомобили.
Конгломератот составен од Abarth, Alfa Romeo, Chryslaer, Citroen, Dodge, DS, Fiat, Jeep, Lancia, Opel, Peugeot, Maserati, Ram и Vauxall – оствари приходи од 88 милијарди евра во првата половина од годината, што претставува раст од 17%.
Евидентирана е добивка од околу 8 милијарди евра, што претставува раст од 34% на годишна основа. И покрај добрите финансиски резултати, продажбата во првите шест месеци од 2022 година падна за 18%. Најпродавани модели во групата се Peugeot 308, DS 4 и комбето Fiat Scudo.
Продажбата на електрични автомобили скокна за речиси 50% на годишно ниво, на вкупно 136.000 единици, што го прави Stellantis втор во Европа. Групацијата произведува 20 електрични модели, а ќе лансира уште 28 до 2024 година.
Конгломератот сега ќе се фокусира на зајакнување на екосистемот на батерии пред планираното целосно преминување на производство на електрични возила во 2026 година. Групацијата ќе изгради пет фабрики за батерии – три во Европа и две во Америка.