Меѓународен тим на истражувачи откри егзопланета која би можела целосно да биде покриена со вода.
Станува збор за планетата TOI-1452b, која е оддалечена околу 100 светлосни години од Земјата и се наоѓа во соѕвездието Драко. Таа е поголема и помасивна од Земјата и се наоѓа во „населената зона“, што значи дека температурата е соодветна за да постои течна вода. Тимот истражувачи верува дека тоа всушност би можело да биде „океанска планета“, односно планета покриена со дебел слој вода.
Ова не е првпат да биде откриена егзопланета или планета со вода. Некои од месечините на Јупитер и Сатурн се покриени со дебел слој вода, но новата планета е многу повлажна, дури и од Земјата. TOI-1452b е околу 70 проценти поголема од Земјата и околу пет пати помасивна. Но, неговата мала густина покажува дека голем дел од неговата маса е направена од полесни материјали во споредба со оние што ја сочинуваат внатрешната структура на Земјата, како што е водата. Се верува дека се состои од 30 отсто вода, додека Земјата содржи помалку од 1 отсто вода. Тоа значи дека е идеален кандидат за океанска планета.
Истражувачите ја забележале трагата на планетата со помош на вселенскиот телескоп ТЕСС на НАСА, кој го пребарува небото за планетарни системи блиску до нашите. Со оглед на тоа што е забележано мало намалување на осветленоста на дел од небото, истражувачите сметале дека во таа област може да има планета поголема од Земјата. Потоа започна подетално пребарување и беше откриена планетата TOI-1452b.
Досега не е пронајдена планета која поддржува живот како Земјата, но доколку хипотезата е точна и навистина има вода на површината на новата планета, тогаш тоа би можело да биде примамлива нова цел во потрагата по вонземски живот.
Истражувачите истакнаа дека се потребни повеќе истражувања за да се потврди дека TOI-1452b е навистина океанска планета. Исто така, постои можност да се работи за карпеста планета со малку или без атмосфера или дури и повеќе карпеста планета со атмосфера направена од водород и хелиум.
Истражувачите планираат да го користат вселенскиот телескоп Џејмс Веб за идни набљудувања. Планетата е доволно блиску за да ја проучува нејзината атмосфера и се наоѓа во регион што овозможува телескопско набљудување преку целата година. Исто така, набљудувањата би можеле да им помогнат на истражувачите да ја разјаснат природата и карактеристиките на оваа фасцинантна планета.