Polyphony Digital подготви ажурирање за популарната игра Gran Turismo 7 која носи четири нови автомобили и три конфигурации на патеката.

Најзабележителен е McLaren MP4/4 од 1988 година, легендарниот Формула 1 болид дизајниран од Гордон Мареј и Стив Николс, кој беше доминантен кога го возеле Ален Прост и Аиртон Сена.

Болидот го придвижуваше 1,5-литарскиот V6 мотор на Хонда кој развиваше помеѓу 650 и 700 КС, а MP4/4 победи на 15 од 16-те трки во кои учествуваше во сезоната 1988 година, лесно преземајќи ги титулите за возачи и конструктори на Мекларен.

Фановите на „muscle“ автомобилот исто така имаат причина да се радуваат бидејќи Pontiac GTO „The Judge“ од 1969 година сега е достапен во играта. Во тоа време, пакетот чинеше 332 долари и вклучуваше уникатни налепници, менувач Hurst, посилна суспензија, пошироки гуми и заден спојлер.

Автомобилот го придвижуваше 6,6-литарски „Ram Air III“ V8 мотор кој произведуваше 360 КС, иако гласините велат дека моќноста била многу поголема.

Има и нешто за љубителите на модерни автомобили со високи перформанси, а тоа е Porsche Cayman GT4 од 2016 година. Го придвижува 3,8-литарски 6-цилиндричен мотор од моделот 911 Carrera S со 379 КС, а има сопирачки и компоненти за суспензија од моделот 911 GT3 од генерацијата 991.

Конечно, Gran Turismo исто така се сврте кон светот на модата, па тука е De Tomaso Mangusta (Christian Dior). За новиот „аутфит“ на легендарниот модел е заслужен англискиот моден дизајнер Ким Џонс. Бројот 47 се однесува на првата модна ревија на дизајнерската куќа Кристијан Диор, која се одржа во 1947 година.

Ажурирањето, исто така, носи три нови конфигурации на патеката во Барселона, вклучувајќи го Circuit de Barcelona-Catalunya GP Layout No Chicane со изменета последна шикана, што го прави последниот сектор вистински тест за аеродинамика при голема брзина.

Circuit de Barcelona-Catalunya National Layout ја скратува патеката со отстранување на повеќето од првиот и вториот сектор, додека Circuit de Barcelona-Catalunya Rallycross Layout е наменет за реликрос возила.

Додадени се и нови менија за делот Cafe во играта.

Ажурирањето 1.20 на Gran Turismo 7 е достапно од 24 август.